Документарниот филм „Неколку цркви од Кумановско со царски двери во резба’’, на авторот Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност во НУ Музеј – Куманово, се здоби со Специјална плакета за трајни вредности, на 30-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „КАМЕРА 300“, во Битола. Овој фестивал се одржа на 28 и 29 октомври 2022 година , а учество зедоа 40 документарни филма од 11 држави од Европа (Велика Британија, Турција, Бугарија, Словенија…) и 1 филм од Америка.
Овој фестивал се одржува во рамки на програмата на градот Битола по повод 4 ноември, денот на ослободувањето на градот. Наградите ги додели заменик градоначалникот на Битола, Бојан Бојкоски. Инаку, овој фестивал е исклучиво за културни цели и како таков ја негува традицијата и културните вредности на народите.
