Обид за убиство во Крива Паланка, еден осомничен
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Осомничениот 25-годишник, во семејниот дом во Крива Паланка, се обидел со умисла да лиши од живот 22-годишна девојка, пријателка на член од неговото семејство.
Во алкохолизирана состојба, осомничениот влегол во вербална расправија со жртвата, а потоа и физички ја нападнал, нанесувајќи и три убодни рани со нож во вратот. Според лекарите, жртвата во моментов не е во животозагрозувачка состојба, но и се предизвикани тешки телесни повреди.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Претходно за случајот информираше и СВР Куманово.
„На 21.01.2025 во 21.35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка лишиле од слобода 25-годишен жител на Крива Паланка затоа што со остар предмет ја нападнал неговата снаа од Крива Паланка“, соопшти СВР Куманово.
Според полицијата, тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.