Од понеделник започнува отстранувањето на хаварисаните возила

Од понеделник следната седмица, Општина Куманово во соработка со ЈП „Куманово – паркинг” и полицијата ќе започне со акција за отстранување на хаварисаните автомобили кои  подолг временски период се паркирани на одреден паркинг простор или пак на јавна површина. Акцијата е иницирана по формирањето на работната група со одлука на Локалниот совет за превенција (одржан на 24.09.2024 год.). Координаторката на работната група, воедно претседателка на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, денеска на прес-конференција ги информираше граѓаните за отпочнувањето на акцијата и ги повика сопствениците телефонски да ги пријават хаварисаните возила со цел бесплатно да бидат траспортирани до лиценцираниот отпад. Акцијата ќе трае еден месец, соопшти Ѓорѓиевска.

-На 24 септември се одржа Локален совет за превенција и од страна на градоначалникот Максим Димитриевски беа формирани неколку работни групи кои работат на решавање на повеќе актуелни проблеми во Општината. Оваа работна група составена од раководителот на Сектор за комунални работи, Лидија Ланг Спасовска, раководителот на Општинска инспекција, Бисера Настасиевиќ Варџиска, директорот на ЈП „Куманово -паркинг“ Андреј Маџоски и началникот при СВР Куманово за сообраќај, Агрон Фетаи одлучи при решавање на проблемот со отстранување на хаварисани автомобили да започне прво со меки мерки, односно со давање на бесплатна услуга на нашите сограѓани, сопственици на хаварисани автомобили, водејќи сметка да не се предизвика финансиска штета на сопственикот поради транспортот на хаварисаното возило. Од тие причини, Ве известуваме дека во наредниот период, започнувајќи од 28 октомври (понеделник), во траење од 30 дена, значи до 28 ноември сите сопственици на хаварисани автомобили можат да се јават на телефонскиот број 075/221 372 во период од 08-16 часот за време на работен ден, со цел службите на ЈП „Куманово паркинг” – Куманово, бесплатно да го транспортираат возилото до лиценцираниот отпад. Сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и за истиот ќе добие надоместок, секако во зависност од тежината на автомобилот. Станува збор за бесплатна услуга која ја нуди Општина Куманово преку ЈП „Куманово паркинг“ со цел да се ослободи паркинг просторот и граѓаните да се ослободат бесплатно од хаварисаните автомобили, рече Ивана Ѓорѓиевска, координатор на групата.

По истекот на 30-те дена, службите ќе пристапат кон целосно и неселективно отстранување на хаварисаните возила, со цел ослободување на паркинг просторот во Општината , потенцира координаторката Ѓорѓиевска.

-Според првичните информации со кои располагаме, а се добиени од комунални инспектори, само во централното градско подрачје има околу 7О хаварисани автомобили кои долг временски период зафаќаат паркинг простор или се на јавна површина. (Истите се доставени до СВР КУманово и се врши проверка на сопственоста.)

„Како работна група сметаме дека е време да се справиме со проблемот со паркирањето во Куманово и дека е најсоодветно да се започне прво со ослободување на простор кој веќе постои и е соодветен за таа намена“, посочува Ѓорѓиевска.