Општинската организација на СДСМ Куманово преку соопштение испратено до медиумите ги прашува надлежните како може цената да се зголеми за триесет проценти, а проблемот со отпадот да остане ист.
„Повеќе од пет месеци „Краста“ гори, а чадот и смрдеата ги трпат граѓаните на Пчиња, Студена Бара и другите околни населени места. И додека граѓаните се гушат во чад, од 1 јули плаќаат 30% поскапа услуга за собирање и транспортирање на отпадот. Прашањето до градоначалникот Максим Димитриевски е едноставно: Како може цената да се зголеми за 30%, а проблемот со отпадот да остане ист? Куманово и понатаму има отпад по населбите, недоволна механизација, а „Краста“ гори со месеци. Од донираните пет возила, само едно е за собирање отпад, додека останатите се придружна механизација. Ова не е решение. Ова е само приказна за граѓаните додека тие плаќаат поскапа услуга. Димитриевски должи одговор: каде е планот за „Краста“, кој ќе го реши проблемот и кога? Но, одговорност има и владејачката коалиција на централно ниво. Имаат власт, имаат институции и имаат обврска да помогнат. Куманово не смее да биде оставено само да се справува со депонија која гори со месеци. ОО СДСМ Куманово стои на располагање на жителите на Пчиња, Студена Бара и сите други граѓани погодени од чадот и загадувањето од „Краста“. Кумановци не бараат оправдувања. Бараат чист воздух, чист град и решение. 30% повисока цена – време е за 100% одговорност!“ , се наведува во соопштението на ОО СДСМ Куманово.