Царински службеници и мобилни царински тимови открија неколку обиди за шверц разна стока и неколку обиди за криумчарење на поголеми суми на непријавени девизи.
Според Царинска управа, 13.900 евра, 3 златни монети и 1 златна плочка од околу 90 грама се откриени од страна на мобилен царински тим кај двајца патници кои се пријавиле за излез од државава на граничниот премин Табановце автопат.
Во друг случaј, на влез на граничниот премин Табановце се пријавил патник кој со себе имал царински документ, но при контрола од страна на царински службеници во багажениот простор помеѓу пријавените музички инструменти пронајдени се и 4 парчиња нови звучни кутии, употребувана електрична гитара и употребуван модул за електрични тапани кои не биле опфатени во АТА карнетот, а патникот не ги пријавил.
Во одделен случај, на граничниот премин Табановце, по насоки од Одделението за дежурен царински центар извршен е детален преглед на возило, при што се пронајдени 60 литри домашна ракија. Од страна на возачот пријавени биле само неколку мали канти со сирење и патнички торби, а ракијата која била во пластични шишиња и туби е откриена во задните врати под тапацирот, во кровот, под хаубата и во патнички торби.