Во организација на здружението „Порака Наша“ на втори ноември годинава во Занаетчискиот дом ќе се одржи панел-дискусијата „Животот со попреченост – предизвици, поддршка и инклузија“.
„Настанот е дел од активностите со кои го одбележуваме 20-годишниот јубилеј на нашето здружение, посветено на поддршката, вклучувањето и унапредувањето на квалитетот на животот на лицата со попреченост. Панел-дискусијата ќе отвори прашања за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, достапноста на социјалните услуги, институционалната поддршка и можностите за поголема инклузија во заедницата.
Дискусијата ќе опфати теми поврзани со:
• секојдневните предизвици на лицата со попреченост и нивните семејства;
• пристап до социјални, образовни и здравствени услуги;
• институционална поддршка и можности за унапредување;
• предрасуди, стигма и социјална исклученост;
• поголема инклузија во образованието, вработувањето и заедницата;
• психосоцијална поддршка за семејствата;
• улогата на локалната заедница во создавање инклузивно општество;
• правата и постапките за остварување на социјална и детска заштита.
Претставниците од Општина Куманово и ЦСР ќе ги презентираат достапните услуги, мерки и можности за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Цел на настанот е поттикнување отворен и конструктивен дијалог, подигање на јавната свест за правата и можностите на лицата со попреченост и унапредување на соработката меѓу институциите, семејствата и граѓанскиот сектор, со посебен акцент на инклузијата и независното живеење“, посочуваат од „Порака наша“.