По 56 години се реновира О.У. „11 Октомври“

Преку проектот „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и реконструкција на основни и средни училишта во РС Македонија“, што се спроведува преку Министертството за образование и наука, започна реконструкцијата на зградата на училиштето „11 Октомври“. Истата предвидува замена на прозорци, санитарни јазли и подови.

Директорката Елизабета Костиќ изјави: „По 56 години ова е прва реконструкција и нашето училиште конечно ќе добие лик каков што заслужува, а ќе се подобрат и условите за работа на учениците и вработените. Веќе започнаа градежните активности и се работи на замена на подовите и реновирање на тоалетите. Наредната фаза е замена на прозорците. Проектот треба да заврши во септември и се надеваме дека наредната учебна година ќе ја започнеме во нов амбиент“.

Наредната година се планира да се замени фасадата, а истовремено е аплицирано и на проeкти за реконструкција на подрачните училишта во селата Долно Којнаре и Речица.

За информација, во О.У. „11 Октомври“ настава посетуваат 429 ученици, од прво до деветто одделение.  Наставата во првите три се одвива со физичко присуство, а учениците од останатите одделенија учат онлајн.