Премиера на документарен филм „Човек оркестар“- Драгомир Шојиќ

Во кино салата на Кинотеката на Македонија во недела со почеток во 18 часот, ќе се одржи премиера на документарниот филм „Човек оркестар“- Драгомир Шојиќ, познат кумановски музичар, еден од најдобрите балкански тамбураши.

Шојиќ е роден на 28 ноември 1950 година во Куманово а почина на 21-ви август 2018-та година. Завршил нижо музичко училиште во Куманово и средно музичко училиште во Скопје, отсек виолина.  Професионално се занимавал со музика, свирел во повеќе кумановски групи и оркестри.

Во 1968 година е еден од оснивачите на првата рок група во Куманово „Глечери“, а потоа членувал и во поп групата „Нај, нај“. Настапувал на „Заечарска гитаријада„ и други престижни рок манифестации во земјава и странство.

Во 1986 влегува во тамбурашката музика и го формира Тамбурашкиот оркестар на Драгомир Шојиќ. Се смета за зачетник на тамбурашкото музицирање во Куманово, поради што редовно учествува на Кумановскиот тамбурашки фестивал, но и на сите останати познати тамбурашки фестивали на Балканот и пошироко. Има освоено повеќе награди и признанија.

Во 1990 година неговото свирење е опеано во легендарната песна „Тамбурите на Шојиќ“, која е прогласена за една од 10 песни на столетието.