Премиерот утре од Спомен Костурница ќе се обрати за 11-ти Октомври

По повод одбележувањето на државниот празник 11-ти Октомври – Ден на народното востание, Владата на Република Северна Македонија, утре пред Спомен – костурницата во Куманово организира централен свечен настан за одбележување на државниот празник под мотото „Секогаш на вистинската страна“. Дополнително владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и Прилеп.

Централниот настан во Куманово, започнува со положување свежо цвеќе на Спомен – костурницата. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а е составена од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Потоа, настанот продолжува со културно уметничка програма на платото пред Спомен – костурницата и со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, предвидено за 10:45 часот.