Притвор за шверц на дрога преку Деве Баир

По барање на Обвинителството од Куманово судот определи притвор за едно лице во чиј автомобил со албански таблички на граничниот премин Деве Баир била пронајдена дрога – хашиш над 8 килограми и марихуана 5 килограми. Дрогата се обидел да ја пренесе во Бугарија.

„Осомничениот, на 7 март, при излез од државава на граничниот премин Деве Баир, неовластено пренесувал наркотична дрога хашиш со вкупна нето маса од околу 8,3 килограми и марихуана со вкупна нето маса од околу 4,9 килограми. Дрогата претходно ја набавил од лице во Република Албанија и ја скрил во специјално изработен бункер под возачкото и совозачкото седиште во неговиот автомобил БМВ со албански регистерски ознаки. Потоа се обидел дрогата да ја пренесе во Република Бугарија, но бил откриен од царинските службеници на граничниот премин Деве Баир“, наведува Обвинитеството од Куманово и информира дека против ова лице се спроведува истражна постапка.

Поради опасност од бегство, можност да влијае врз постапката или да го повтори делото, судија на претходна постапка од Судот во Куманово, на предлог на јавен обвинител, на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.