Реакција од Општина Куманово на пресот на ВМРО-ДПМНЕ

„Обвинувањата од прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ се неиздржани и лажни. Општина Куманово во рамките на своите надлежности редовно ги извршува своите  работи и во делот на зимско оддржување и службите на јавното претпријатие чистота и зеленило и фирмата, што има добиено уредно на тендер, сите заедно ревносно ги извршуваат своите задачи.

Во општината не постојат фирми, блиски или далечни до политичка партија, туку на уредни тендерски постапки, согласно закон за јавни набавки, работа добиваат правни и физички лица што имаат најповолна понуда и воедно имаат, согласно договорот, обврска да ја извршат работата.

Не е точен податокот дека општината има платено 10,4 милиони денари за зимско оддржување на улиците, бидејќи договорот е склучен врз база на количина, т.е. километри исчистени коловози, согласно планот за зимско одржување на градот, што е поделен во три зони по приоритети. Конечниот износ за потрошени средства ќе се знае по завршување на зимската сезона и тој податок оди во јавноста и на разгледување пред советот на општината.

Божиновски и ВМРО-ДПМНЕ повторно се служат со ефтин политички маркетинг, но општината нема да навлегува во тоа, туку ќе продолжи интензивно да се справува со состојбата“ – се вели меѓудругото во реакцијата.