Кумановскиот уметник Стефан Анчевски вечерва ќе се претстави со самостојна изложба во Прилеп. Стефан Анчевски поставува и создава сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира своите идеи низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата.
Стефан Анчевски со својата поетика и своите слики открива дека му е близок графолошкиот пристап кој се потпира на ликовните искуства на сликарството од ХХ век и ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Неговиот визуелен јазик како облик на комуникација е универзален и единствен.
Експериментирајќи со најразлични техники и материјали, авторот го создава циклусот „ВРЗИНО“ кој беше изложен во 2024 година во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Втората изложба со наслов „преВРЗИНО“ реализиран во Ликовниот салон на ДЛУБ во Битола ги покажува нештата кои довеле до создавање на овој проект, односно сето она што е работено претходно. Додека, пак, ова претставување „поВРЗИНО“ ги поврзува сите три излагања. Во третиот, развоен ликовен циклус на авторот Стефан Анчевски се поврзуваат сите заедно.
Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има реализирано свои 11 самостојни изложби, учествувал на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член е на ДЛУБ (2022), ДЛУМ (2023) и ДЛУП (2024).
