Светскиот ден на театарот одбележан со претставата „Смрт и девојка“
Театар Куманово со репризно издание на претставата „Смрт и девојка“ во режија на Мирослав Петковиќ вчера го одбележа Светскиот ден на театарот.
Пред почетокот на претставата беа прочитани меѓународната порака на Теодорос Терзопулос, театарски режисер, едукатор и автор од Грција и македонската порака на Емил Рубен, пензиониран актер од ансамблот на МНТ, филмски и телевизиски актер.
Пораките ги прочитаа кумановските актери Анастасија Величковиќ и Никица Јанковски.
Во претставата „Смрт и девојка“ играат Сања Русеска, Марко Трајковиќ и Владо Дојчиновски.
Инаку, секоја година, на 27 март, луѓето ширум светот го слават „Светскиот ден на театарот“, посебен ден кој им оддава почит и признание на уметниците на глобално ниво. Овој ден служи како потсетник за важноста на театарот и како тој може да го едуцира општеството за грижи и проблеми во различни области.
Меѓународниот театарски институт (МТИ) го востановил Светскиот ден на театарот во 1961 година и оттогаш се слави на 27 март. Овој ден е обележан со различни национални и меѓународни театарски настани.
Првата порака за Светскиот ден на театарот ја напишал Жан Кокто во 1962 година, а секоја година меѓународна порака се споделува со сите луѓе.