Седум лица се стекнаа со сертификат за завршена обука за фризери

Успешно заврши првата обука за фризери во студиото „Нате“ во Куманово, која се спроведуваше преку програмата „За побарувани занимања“, поддржана преку Агенцијата за вработување.

Обуката траеше три 3 месеци, а ја завршија седум лица. Фризерското студио и академија „Нате“ е овластен провајдер којшто има верификувана програма преку Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование и наука, за спроведување на вакви обуки.

„Обуката се спроведуваше во периодот од 10 декември до 9 март. Во првите два месеци беше теоретскиот дел од обуката, а последниот месец, беше практичниот дел за занимањето фризер. Ние како Центар за вработување цело време го мониториравме процесот, присуствувавме и на самото полагање и при доделување на сертификати. Испочитувани се сите обврски од договорот на провајдерите и невработените лица. Задоволни сме од начинот и успешното спроведување на обуката“, изјави Марија Димитријевска, раководител на Центарот за вработување во Куманово.

Обуката ја завршија сите седум пријавени, а вчера им беа доделени сертификатите. Сопственичката Наташа Додевска,  вели дека е прездоволна како поминала обуката и вели одлично се вклопила во новата улога, иако ова е прво искуство за неа.

Таа вели дека оваа диплома ќе им отвори многу врати на младите фризери, а со неа ќе можат да започнат дури и сопствен бизнис.

Обуката се спроведе преку оперативниот план за 2020 година, дел од  ИПА проектот. И оваа година ќе има иста обука за побарувани занимања, на која што можат да се пријават невработените лица.

Мерките од оперативниот план имаат за цел да креираат и создават нови работни места или да го подигнат степенот на конкуренстноста на невработените лица на пазарот на труд. За време на обуката невработените лица добиваа бруто паричен надомест од 9.000 денари.

Во Куманово покрај обуката за фризер, имаше и обука за неговател за стари лица и за обука на сметководител.