Бројот на новорегистрирани случаи на туберкулоза во 2023 година изнесувал 160 случаи, а вкупниот број на активни случаи во државава за 2023 изнесувал 290, информираа денеска од Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден против туберкулоза- 24 Март. Пораката за Светскиот ден против туберкулоза годинава е „Време е за акција!“.
– Состојбата за 2023 е слична како и за претходните години, со мало намалување во споредба со 2018 и 2019 година, каде бројот изнесувал 217 за 2018 година, односно 199 случаи за 2019 година. Вкупниот број на активни случаи во државава за 2023 изнесувал 290, од нив – 230 биле мажи, а 60 жени, информираат денеска од Институтот.
Туберкулозата е заразна болест што главно ги напаѓа белите дробови, но, може да зафати и други органи, како што се коските, мозокот и бубрезите. Болеста се шири преку воздухот, кога заразеното лице кашла или кива. Некои од најчестите симптоми што ги наведува ИЈЗ се долготрајна кашлица – повеќе од две недели, болка во градите, замор и слабост, ненадејно губење на телесна тежина, ноќни потења и треска.
