Од утрово се расчистуваат булеварите, крстосниците, критичните места во градот и околината. Екипите на претпријатието задолжено за зимско одржување на улиците во Куманово се на терен со механизација со плуг за расчистување на кашестиот снег.
Доцна синоќа се фрлаше сол и ризла на улиците, на нагорниците, осојничавите места.
-И локалните патишта кон селата се проодни-информираше, Момчило Јовановски од секторот за урабнизам од општина Куманово.
Екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ ги чистеа приодите и пристапите во централното градско подрачје.
Општина Куманово остави и контакт телефон 078 365 061 на која граѓаните можат да се јават во случај на големи наноси од снег и непроодност на патштата. Останува обврската сопствениците на трговските објекти да го расчистат снегот пред нивните дуќани, локали.
Казна од 1000 евра ќе платат сопствениците на правни субјекти, кои во најкраток рок не го исчистат снегот од јавните површини пред фирмите и дуќаните.
Комуналните инспектори и редари од Општина Куманово се на терен и ги посетуваат сопственците на правните субјекти во поширокиот регион на централното градско подрачје, при што им врачуваат опомени во кои се наведени нивните обврски.
По член 22 од Законот за јавна чистота во зимски услови, сите сопственици, односно корисници на јавни објекти најмалку 6 часа од почетокот на снежните врнежи се должи, да започнат со чистење на снегот на отворен простор, пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектот. Во спротивно казната е 1000 евра во денарска противвредност, – информираат од Секторот за инспекциски надзор.