„Скаут“ организира извиднички камп во природа „Пелинце 2025“
Извидничкиот одред „Скаут” од Куманово ќе организира тридневен извиднички камп во природа „Пелинце 2025“.
Програмата за претстојниот камп претставниците на „Скаут“ деновиве ја презентирале пред претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, објави општина Куманово.
Настанот ќе се одржи од 25 до 27 април годинава во село Пелинце, во близина на основното училиште, со поддршка на општина Куманово.
Кумановскиот извиднички одред опстојува повеќе од 25 години. По вторпат е организатор и домаќин на кампот во природа со натпреварувачки карактер, на кој ќе учествуваат извиднички групи од Македонија и Србија.
Целта на ова дружење меѓу младите извидници е манифестирање на вештини преку активности: ориентација според топографска карта, користење на бусола(еден вид на компас), пронаоѓање точки во природа, користење на шифрирани знаци и сигнализација, комуникација и тимска работа.