Скопје и Куманово пулсираат во олимписки ритам – Македонија подготвена за ЕМОФ Скопје 2025

Во пресрет на најголемиот младински мултиспортски настан на Стариот континент, Скопје и Куманово се во финалната фаза на подготовките за организација на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули оваа година, информираа од Младински олимписки комитет.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, на вчерашната прес-конференција ја истакна важноста на ЕМОФ Скопје 2025 како најголемиот спортски настан во историјата на Македонија и како клучна можност за развој на младинскиот спорт.

-Станува збор за исклучително голем настан – најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме речиси 4.000 учесници, вклучително спортисти, тренери, официјални лица и логистички персонал. Во Скопје и Куманово ќе биде присутен целиот европски младински спортски крем, односно младите спортисти кои што ќе бидат најголеми ѕвезди на следната летна олимпијада во Лос Анџелес. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. На спортски план, Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти, а како домаќини имаме загарантирано учество во сите спортски дисциплини. Ова ни овозможува да се вклучиме и во спортови кои дури сега почнуваат да се развиваат кај нас и да лансираме цела нова генерација спортисти на возраст од 15 до 18 години – генерација што ќе созрева во годините што следат. Со тоа, имаме реална шанса да направиме вистински рестарт на младинскиот спорт во државата –  изјави Димевски.

Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од ЕМОФ Скопје 2025. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите.