Советот даде согласност на барањата за физичко присуство на учениците
Советот на Општина Куманово даде согласност на барањата за реализирање на настава со физичко присуство во дел од основните и средните општински училишта. Изгласаната предлог-одлука ќе биде доставена до Владата која треба да донесе конечна одлука. На денешната седница, секој советник со свое видување и мислење за тоа дали треба да се поддржи предлог-одлуката што беше на дневен ред.
Координаторот на советничката група на ВМРО –ДПМНЕ, Драган Петковски смета дека како советник не е компетентен да одлучува за физичкото присуство на учениците во училиштата во услови кога не располага со соодветни информации, каква е состојбата со училиштата, кои услови треба да ги исполнуваат и слично.
– Дали за една ваква одлука не се посоодветни Државниот просветен инспекорат, комисијата за здравство, да даде кои услови треба училиштата да ги исполнуваат, министерствата за образование и здравство, па и целата Влада. Сите како да ја префрлија одговорноста на нас советниците кои не знаеме каква е и каква треба да биде состојбата за да донесеме ваква одлука. За ваква работа одлука треба да донесат покомпетентни луѓе и ја преземат одговорноста. За што било да се случи после ќе кажат советниците донесоа таква одлука, рече Драган Петковски, советник
Според раководителката на Секторот за образование при Општина Куманово, Дивна Величковиќ – Тодоровска, Советот не донесува одлука кои училишта бараат настава со физичко присуство, туку само проследува барање кое што го доставиле директорите на училиштата, врз основа на потпишани изјави за согласност од родителите.
Таа појасни дека тричлена стручна комисија од Владата ќе одлучува кое училиште ќе добие согласност за физичко присуство на наставата, откако претходно ќе изврши увид на состојбата на терен.
– Теренски ќе проверат дали одредено училиште ги задоволува сите критериуми по дадените протоколи и мерки кои се запишани во службените весници во вид на одлуки, а тоа се, одлука за мерка за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, а ние денеска работиме по две одлуки за измена и дополна на одлуката, што значи дека тие ја носат одговорноста за целата држава и за нашата општина, а нашата општина има 22 училишта и 19 подрачни, сите подрачјни остваруваат услови за физичко присуство, дел од основните исто така, изјави Дивна Величковиќ – Тодоровска.
Раководителката потенцираше дека во меѓувреме општината обезбедила средства за дезинфекција, топломери, маски и оптички интернет во случај да биде неопходна онлјан настава за училиштата.
Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека барањата на дел од училиштата треба да се поддржат, а конечниот збор сепак го има министерството за образование и наука.
– Да им дадеме можност да се образувааат, особено оние кои тргнуваат во прво и второ одделение каде е неопходно, коса и права линија не се учи да се напише онлајн, учителката треба да ве фати за рака и да ви покаже и да ја стекнете основната техника на пишување и токму поради тоа насоките беа да таму каде, особено во училишта каде има помал број на ученици во паралелки, каде има просторни можности да се адаптираат улилиштата со физичка настава да се воведе и бара физичко присуство. Ако ме прашате дали сум лично јас за, посакувам физичко присуство на учениците во образовен процес, дали сме во можност да го исполниме сето ставено на хартија е под знак прашање, бидејќи ниту општината ниту училиштата располагаат со толкави финансиски капацитети и технички можности за компелтен образовен процес со физичко прсуство и затоа директорките знаејќи ги овие препораки излегоа со одреден број на училишта каде тоа може да се воспостави, рече Димитриевски.
Според советничката Соња Тодоровска, училиштата се подготвени за стартот на новата учебна година, донесени се скратени наставни програми кои што се доставени до училиштата.
-Денеска носиме само формална одлука до МОН. Ние веќе се определивме. Сите училишта се подготвени, но последниот збор го има МОН кое донесе скратени програми кои што се доставени до училиштата и ние како наставници веќе ги изработуваме, односно веќе се изработени. Платформата денеска ќе се проба со пилот- училишта. Утре со сите училишта, ние како училиште работиме, министерството работи, рече Соња Тодоровска, советник
– Во состојба сме кога повеќе од 7 месеци надвор од клупи, кога првачињата заборавија да читаат и пишуваат. Многу е битно физичкото присуство во клупите за учениците кои преминуваат од одделенска во предметна настава, за учениците во осмо одделение кога се сретнуваат со нови предмети, со хемија, физика, граѓанско образование, учениците кои што тргнуваат во средно. Јас ја поддржувам иницијативата на сите директори за физичко присуство. Апелирам сериозно да ги разгледаат барањата за физичко присуство. Доцниме еден месец, а во регионот веќе учат, рече Саша Николиќ, советник
Од Секторот за образование посочуваат дека последниве две недели инспекција на Државниот просветен инспекторат, но и санитарната инспекција прават контроли во училиштата во однос на исполнувањето на условите за физичко присуство на учениците. Што се однесува до учениците кои што немаат пристап до интернет или електронски уреди , раководителката појасни дека на тие ученици во хартиена форма ќе им се доставуваат материјали дома.
Со 21 глас „за“ и двајца „воздржани“, беа усвоени барањата за реализирање на настава со физичко присуство во дел од основните и средните општински училишта во Општина Куманово во учебната 2020/2021 година.