(ВИДЕО)Со заедништво и соработка до модерно Куманово, порача Димитриевски од свечената академија

77 -годишнината од ослободувањето на Куманово и 502 години постоење на градот денеска беа одбележани и со свечена академија на општина Куманово во НУЦК „Трајко Прокопиев“.

„Овој ден за нас кумановци е ден што претставува симбол на слободата, на победата, на вредностите кои треба да ги негуваме за сите нас, за нашите деца и идните поколенија. Овој ден е особено значаен во македонската историја“, рече во своето обраќање градоначалникот Максим Димитриевски.

– На денешен ден, во 1944 година наше Куманово е ослободено од бугарскиот и германскиот фашистички окупатор. 11 Ноември претставува симбол на слобода, пркос, победа. 11 Ноември претставува и симбол на заедништво и верба за подобро утре за нас, за нашите деца, за идните поколенија. Многу аналогија има овој датум со борбата за слобода. Многу аналогија има од аспект на сегашноста, кога бевме соочени со големи предизвици. Тие предизвици не направија посилни, посложни. Најголема мудрост е да се учи од грешките од минатото. Способност е да ги избегнуваш истите грешки во сегашноста и иднината. Ако ги повторуваме истите грешки и не сме научиле нешто од нив тогаш имаме проблем со нормално функционирање, рече Димитриевски.

„Куманово е град во кој се почитуваат различностите и се негува соживотот. Успеавме заеднички да создадеме похумано и поинклузивно Куманово“, додаде Димитриевски. Тој посочи дека во првиот мандат како градоначалник, имплементирани се повеќе од 400 проекти од различни области, инфраструктура, образование, гасификација, заштита на животната средина, култура, спорт.

– Успеавме за 4 години да направиме поуспешна приказна за Куманово. Создадовме општина во која соживотот е на прво место. Ги подобривме условите во градинките, основните, но и средните училишта. Ја подобривме патната инфраструктура, вложуваме во гасификација, обезбедуваме поквалитетни услови за работа, градиме нови спортски игралишта и правиме се за да ја заштитиме животната средина. Нашиот концепт е граѓански, и токму затоа, во следните 4 години во планот за работа предвидено е реализација на повеќе од 800 проекти. Но, без поддршка од сите вас, од советниците нема да може да успееме. Во следните 4 години потребни сме сите на овој план. Оттука, на овој голем и значаен ден, Ве повикувам на заедништво, на соработка, на напредок. Ве повикувам на единство. Ајде заеднички да продолжиме по патот на развојот. Куманово заслужува да биде модерен и урбан град. Куманово заслужува да продолжи да биде борбен, хуман и револуционерен град. Куманово заслужува многу повеќе. Знам дека и вие истото го посакувате. За граѓаните, за нас, за нашите родители и деца. За нашето Куманово. На овој ден, Ве повикувам да работиме тимски. Да бидеме одговорни и со грижа кон нашите сограѓаните. Да бидеме конструктивни и да ги носиме најдобрите локални политики. Ова им го должиме на нашите предци и затоа мора да продолжиме по патот на напредокот. Мора да продолжиме Куманово да го унапредуваме и развиваме во модерна и европска општина. Куманово е нашиот град. Куманово е градот на нашите деца. Куманово е слободен и урбан град кој заслужува многу повеќе, заеднички, рече Димитриевски.

Реализираните проекти на локалната самоуправа во изминатите четири години, но и позначајните средби на градоначалникот Димитриевски со претставници на повеќе држави, амбасади,  ЕУ, значајните политички фактори во државата и надвор од неа, присутните можеа да ги проследат преку 20 -минутна видео презентација.

Годинава не беше доделена традиционалната Ноемвриска награда поради се уште неодржаната конститутивна седница на Советот на општината, но, градоначалникот од негово лично име додели плакети и благодарници на истакнати личности за постигнати резултати во афирмирање на градот во различни општествени области.

Платеки и благодарници добија прим.д-р Сунчица Јосифова, специјалист инфектолог за бројни заслуги и посветен ангажман во областа на здравството, д-р Надица Христовска- Мехмедовиќ за успешен здравствен работник со богато искуство во својата струка, д-р Аднан Сулејмани, специјалист педијатар, истакнат и искусен лекар во својата медицинска област во здравството, Деан Илиевски, командир на ТППЕ- Куманово за посебни заслуги и неуморен ангажман во областа на противпожарната заштита, плакета и благодарница за ученикот Бруно Ивановски за посебни постигнувања на полето на културата, во областа литературно творештво, здружението „Лајонс клуб Куманово“ за спроведени низа хуманитарни активности,  како и правните субјекти „Метал Нет“ и „Дули“ за реализирани повеќе хуманитарни активности.

Свечената академија беше збогатена со изведбите на Мартинијан Кириловски кој во придружба на пијанистот Силјан Пановски ја испеа химната на Македонија, Филип Стевановски бенд, Шпетим Мустафа, истакнат локален артист и членовите на Денс тим „Фјужн“ .

На свеченоста по повод 77 години од ослободувањето на градот присуствуваа членови на Сојузот на борци, претставници на Владата, Собранието, на амбасади, советници, делегации од збратимените градови, јавни институции, претпријатија, бизнис заедницата, невладини организации.

Коментари

коментар(и)