Театар Куманово и годинава на детскиот фестивал „Малиот принц“ во Штип

Театар Куманово и годинава ќе учествува на детскиот фестивал „Малиот принц“ во Штип, информираше денеска директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

„Како изминатите три-четири години повторно сме поканети да настапуваме на детскиот фестивал „Малиот принц“ во Штип со претставата „Волшебникот од ОЗ“, нашата најнова претстава, на 16 сепетмври во Центар за култура во Штип и се надеваме дека претставата добро ќе биде прифатена од публиката. Изминатите две години се вративме со награда за најдобра претстава, за најдобар актер, најдобра сценографија, најдобра режија, така што се надеваме дека и оваа година ќе поминеме добро на фестивалот во Штип, изјави Тодоровски.

„Волшебникот од ОЗ“  е претставата која во јули годинава беше изведена и на летната сцена во Крива Паланка по повод  „Крива Паланка – град на културата 2024“.

Најмалите од Куманово идната седмица ќе имаат можност да уживаат во изведбата на „Трнорушка“. Билетите се во продажба на билетарата во Центар за култура. Билетот чини 150 денари.

„Идната недела би ја најавил претставата „Трнорушка“ од Театар Куманово која ќе се игра на сцената во Центарот за култура, на 12 септември во 18 часот“, изјави Тодоровски.

Театар Куманово интензивно ја подготвува и новата претстава „Ноќ спроти Водици“ во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, која премиерно ќе биде изведена на затворањето на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“.

Свеченото отворање на Фестивалот МТФ „Денови на комедија 2024“ е на 24 септември со претставата „Вечера за глупаци“ од Театар Велес.

Истата вечер ќе се додели и наградата „Васил Иљоски“ на годинешниов лауреат, актерот Сашко Коцев.

Што се однесува до јавниот повик за волонтери за театарскиот фестивал, директорот Тодоровски е задоволен од досегашниот интерес од младите да бидат дел од организацијата и реализацијата на „Денови на комедија 2024“.

„Во изминативе две -три години имаме повик за волонтери во Центар за култура за фестивалот „Денови на комедија“, млади луѓе кои сакаат да присуствуваат кај нас, да ни помагаат во организацијата на фестивалот, да бидат тука со екипите, едноставно да учествуваат во процесот на фестивалот.  Имаме пријавени десетина млади деца кои ќе дојдат да бидат со нас од 24 септември до завршување на фестивалот, до 08 октомври, така што сигурен сум дека тоа ќе биде едно убаво, интересно искуство за нас. По завршувањето на фестивалот ќе подготвиме за сите учесници – волонтери благодарници така што сигурни сме дека ќе добар одзив од младите“, изјави Тодоровски.

 

 

Коментари

коментар(и)