Театар Куманово подготвува новогодишна претстава
„Дедо Мраз во веселата шума“ е новогодишната детска претстава со која Театар Куманово ќе ја анимира најмалата публика.
Станува збор за претстава која Театар Куманово ја подготвува со сопствени средства и се планира да биде играна повеќе денови.
Премиерата на претставата се очекува да биде на 19 или 20 декември по што ќе се игра секојдневно во зависност од интересот на публиката. Пробите се во тек, а надлежните се надеваат дека како и секоја година ќе има значителен интерес кога се во прашање предновогодишните детски претстави.
Претставата е во режија на Кети Дончевска Илиќ, а во неа играат Владанка Крстевски, Нина Максимова, Никица Јанковски и Марко Трајковиќ.
Драматург е Зоран Зафировски, сценографијата на Крсто Богојевски, а костимограф на претставата е Дарко Илиевски.
Во реализацијата на оваа претстава, која воедно е и последна за годинава, ќе учествува целиот тим на Театар Куманово.