ВИДЕО: Телевизија Плус одбележува десет години информирање на граѓаните

Телевизија Плус одбележува десет години во кумановскиот етер. Една деценија точно, навремено и објективно информирање на граѓаните за сите актуелни прашања во сите сфери на општеството – политика, здравство, економија, образование, социјална политика, животна средина, култура, спорт.

Со своите препознатливи содржини, ТВ Плус од први април 2015-тата до денес цврсто се избори за своето место во медиумскиот простор.

ТВ Плус е првата приватна локална телевизија која и во услови на глобална криза успеа да опстои и денеска да одбележува десетгодишен јубилеј.

„За тоа, секако придонесоа и продукциските изданија на ТВ Плус кои се емитуваат на национални и регионални телевизии“, истакна Драган Ивановски, главен и одговорен уредник и директор на Телевизија Плус.

– Започнавме амбициозно пред повеќе од десетина годин, но стартувавме со програмата точно на први април, не случајно, знаете дека нам заштитен знак ни е емисијата „Нема љутиш, а и Куманово е познат како град на хуморот па поради тоа и го одбравме тој датум за да ја стартуваме програмата на ТВ Плус. Јас сум горд на се што постигнавме досега бидејќи ако земеме во предвид каква е ситуацијата во медиумите во Македонија сметам дека направивме вистински подвиг што опстанавме десет години. Само да се потсетиме на бројните телевизии па и радио станици кои во меѓувреме беа отворени па затворени само во нашиот град, а инаку во овие десетина години како опстојуваме, во државата има затворени преку дваесет, па можеби скоро триесет медиуми, пред се телевизиски станици, што самото за себе говори дека навистина ситуацијата кај медиумите, посебно велам за телевизиите и за радијата на локално и регионално ниво е тешка. Новите законски решенија се уште не се стартувани , јас се надевам дека државата пред се, а и локалните самоуправи ќе најдат некој начин да ги заштитат локалните и регионалните ТВ и радија… Ние работиме по професионални новинарски стандарди и се бориме против лажните вести. Горд сум на оние проекти кои ги реализиравме, а се бројни досега. Се на се, еден приод на кој што сум горд, но се надевам дека периодот што е пред нас ќе донесе поубаво време за медиумите, се надевам дека и законските решенија што веќе се донесени, ќе почнат да функционираат и дека тоа ќе значи едно зачувување на, пред се, локалните и регионалните медиуми – истакна Драган Ивановски, главен и одговорен уредник на ТВ Плус Куманово

Телевизија Плус е благодарна на сите компании кои имаа сенс за нашата работа и сите овие години непрекинато не следат и поддржуваат, како што се Бучен Козјак, Визиана, Арис Де Грас, Алфи Би компани, Ду- Бо ДД маркети, Пин Петрол, Авто Контрол, Кватро, Екстра Меин и во поново време и Државна лотарија на Македонија.

Благодарност и до сите останати фирми со кои ТВ Плус остварува повремена соработува.

Ви благодариме што секојдневно не мотивирате за уште поголеми достигнувања!