Жители на селата од пчинскиот регион веќе три дена го блокираат патот кон депонијата Краста и не дозволуваат камионите да го депонираат сметот.
И денеска повторија дека блокадата ќе продолжи сè додека се чувствува чад од опожарената депонија и не се обезбедат услови за живеење во чиста и здрава животна средина.
Од друга страна пак, надлежните од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ велат дека интензивно, со сите расположиви ресурси се работи на решавање на проблемот.
„Но, ситуацијата со сметот во централното градско подрачје станува алармантна, и покрај тоа што отпадот се носи на депониите во соседните општини Ранковце и Кратово“, посочува в.д.директорот на комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Инаку, Општинскиот штаб за заштита и спасување на последниот состанок донесе неколку заклучоци и мерки – континуирано да се продолжи со интензивно гасење на активните пожари на депонијата Краста и дополнително активирање на силите на ТППЕ и екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ и да се апелира до ресорното Министерство за заштита на животната средина и просторно планирање, за да се забрза постапката за избор на понудувач, кој треба да ги изведе градежните работи за изградба на претоварна станица за комунален отпад на депонијата Краста, како и нејзино санирање и конечно затворање.
Кризниот штаб, исто така бара од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) да обезбеди дополнителни возила со цистерни за вода за справување со пожарот и градежна механизација (булдожер), за нанесување на нови слоеви на земја поради санација на депонијата.