Триесетина крвни единици собрани на вонредната крводарителска акција во Куманово

Триесет и четворица кумановци ја покажаа својата хуманост на дело на вонредната крводарителска акција што се одржа во просториите на општинската организација на Црвен крст Куманово во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.

Крводарителите да добијат поголеми бенефиции од државата, а младите да бидат поактивни крводарители, порачаа крводарителите.

„Ова ми е 20-ти пат како дарувам крв, чисто од хумани побуди. Кога слушнав дека има вонредна крводарителска акција воопшто не се двоумев да дојдам и да дадам придонес кон граѓанството, кон општеството затоа што крвта е една благородна течност која треба да ја даваме сите, особено на оние на кои им треба. Лично сметам дека треба да се биде хумани да се дарува крв и не само дарување крв, туку да бидеме добри луѓе, да почитуваме, да правиме добри работи во општеството и сите зедно да направиме подобро општество за сите. Што се однесува до придобивките да се биде крводарител, лично јас никогаш не сум ги користел двата слободни дена иако им следуваат на крводарителите, во здравството ги користам бенефитите, но во последно време се помалку се придобивките во здравството, почнаа дел од нив да ги укинуваат, меѓутоа сепак сум задоволен , не се плаќа партиципација во некои секундарни здравствени установи, а можат придобивките да бидат многу поголеми“, изјави Николче Јакимовски, крводарител

„Ова ми е петто дарување на крв, првпат дадов крв во средно училиште, правев одреден временски период пауза, па сега повторно дарувам крв. Дарувам крв затоа што можам и сакам да помогнам така што дарувањето крв не ми претставува никаков проблем. На младите би им препорачала секој што може и сака да дарува крв бидејќи нашето малку на некому му значи многу“, изјави Моника Спасовска, крводарител

„Има заинтересирани крводарители, благодарност до Црвен крст Куманово, акцијата оди во најдобар ред. Апел до сите граѓани да дојдат да даруваат крв бидејќи секогаш ни е потребно крв во секоја ситуација. Има повеќе критериуми за да се биде крводарител, најдобро е тие што сакаат да даруваат крв да дојдат во просториите на Црвен крст Куманово, да се обратат, ќе направиме лекарски преглед и според тоа ќе одлучиме кој е соодветен за дарување на крв. Има доволен број крвни единици на Институтот за трансфузиона медицина, но секогаш се добредојдени крвни единици од сите крвни групи“, изјави д-р Мартина Борозанова, специјализант по трансфузиона медицина.

Бенефиции за крводарителите

Според законот за работни односи на Република Македонија, член 150, работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв.

Дарителите на крв кои даруваат крв повеќе од десет пати се ослободени од партиципација во цената на некои здравствени услуги како:

-амбулантно-поликлиничка здравствена заштита

-лабараториски прегледи и анализи

-ренгентски прегледи, ехографски снимања, преглед со скенер и магнетна резонанца

-специјалистички лекарски преглед

-болничко лекување и рехабилитација (заклучно со 30-тиот ден, вклучувајќи и болничка исхрана).

Освен ова, предвидени се и признанија, благодарници и пригодни обележја за секој крводарител кој дарувал крв 5, 10, 25, 50 или повеќе пати. Признанијата ги обезбедува Црвен Крст на Македонија.

 

Коментари

коментар(и)