Триесет невработени лица ќе бидат ангажирани за заштита и превенција од пожарите

Општина Куманово објави оглас за работно ангажирање на 30 невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување. 

Во повикот, објавен на официјалната веб страна на општина Куманово пишува: „Се повикуваат сите невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија на (АВРСМ), да се вклучат во мерката 6.2 – јавни работи за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување), заради зголемување на вработливоста преку работно ангажирање на невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување, да се пријават во Агенцијата за вработување Куманово“.

Работниот ангажман ќе трае најмногу 5 месеци, за месечен надоместок од 24.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Средствата се обезбедени од Буџетот на АВРСМ.

Огласот е отворен до 17 јули, а пријавите ќе се поднесуваат во Центарот за вработување во Куманово.