Три физички и три правни лица се добитници на Ноемвриска награда за 2024 година

Никола Давидовски, Агрон Фазлији, Столе Димитриевски, НУ Музеј, здружението „Форма нова“ и хуманитарната организација „Крепост“ се добитниците на Ноемврска награда за 2024 година, соопшти на денешната прес-конференција Невена Величковска Зиројевиќ, претседател на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и призанија.

Наградата ќе им биде врачена на свечената седница по повод Денот на ослободувањето на Куманово, 11 Ноември.

Ноемвриска награда за 2024 година, во вид на диплома и паричен износ се доделува на физичките лица:

-Никола Давидовски – естраден уметник, во пензија, а наградата ја добива за неговата долгогодишна кариера на македонската музичка сцена на која испеаја бројни песни, меѓу кои е и безвременскиот хит „Земјо мила“ која при осамостојувањето на државата била предложена и за државна химна.

-Агрон Фазлији –  претседател на Занаетчиската комора на РСМ и менаџер на фирмата Модна куќа „Стил“ – Куманово. Наградата ќе му биде врачена за исклучителниот придонес во промовирањето на занаетчиството на регионално, национално и меѓународно ниво, при што придонесе Куманово да стане водечки центар на традиционалните занаети во државата, како и за неговата клучна улога во обезбедувањето на субвенции, бенефиции и други финансиски поволности за занаетчиите, со што им овозможи нивна финансиска стабилност и можности за развој.

-Столе Димитриевски – голман на Фудбалската репрезентација на Македонија и на шпанскиот фудбалски клуб „Валенсија“. Има одиграно повеќе од 70 натпревари за македонската репрезентација, а во 2021 година ја претставуваше државата на дебитантскиот настап на Европското првенство во фудбал, каде особено се истакна со своите маестрални одбрани.

Ноемвриска награда на Општината Куманово за 2024 година, во вид на диплома се доделува на правните лица:

-Национална установа „Музеј“ – Куманово, за огромниот придонес кон популаризацијата на музејот и музејската дејност и едукативното дејствување за значењето на културното наследство на државата, а кој оваа година одбележува повеќе јубилеи, меѓу кои и 60 години од формирањето.

-Здружение за ликовна уметност „Форма Куманово“ – Куманово, за значајниот придонес во областа на уличната уметност, кое е автор на многубројни мурали и графити во Куманово и во многу други градови во државата и во странство.

– Хуманитарнa организација „Крепост“ – Куманово, за реализираните хуманитарни донации за социјалните категории на лица во градот и во руралните средини.

 

Коментари

коментар(и)