Обезбедување подобри услови на пазарите за закупците на тезги, но и за купувачите, односно обезбедување дополнителни тезги преку аплицирање со проекти е примарната цел на јавното претпријатие „Пазаришта“ во Програмата за работа за 2019-та година. Со Програмата се предвидува и замена на бетонските тезги, санација на долниот дел од зелениот пазар, обезбедување на картичен паркинг, обезбедување средства од европските фондови. Она што советниците од опозицијата денеска најмногу ги интересираше се финансиите, односно планираните 100.000 денари за хигиена на пазарите наспроти предвидените 200.000 денари за репрезентација. Советниците му посочија на директорот дека хигиената на пазарите може да биде на завидно ниво ако се зголемат средставата за таа цел или евентуално да се пренаменат средствата што се предвидени за репрезентација. Дилеми имаше и околу планираните трошоци за електрична енергија и начинот на затоплување на „Пазаришта“.
700 пазарџии имаат закупено тезга на зелениот пазар и дневно од 2.000 до 3.000 клиенти поминуваат низ пазарот. Со оглед на големата фреквенција на граѓаните на пазарите, но и големиот број на закупци, директорот Илир Саити смета дека самите граѓани поради ниската свест за одржување хигиена на јавни површини се виновни за недоволната хигиена на пазарите.
Советникот Томица Илиќ, кој што е вработен во јавното претпријатие „Пазаришта “ го праша директорот Саити зошто точките за ценовникот се ставени на дневен ред , ако изминатите години тој ценовник се применувал без одлука на советниците.
Советникот Саша Николиќ потенцираше дека итно треба да се регулира користењето на вода за пиење за закупците на тезги и да се обезбедат соодветни санитарни јазли на реонскиот пазар на булеварот Октомвриска револуција. Дополнително му предложи на директорот да се одреди простор на зелениот пазар исклучиво за сезонски производители, на што Саити му одговори дека тие не се заинтересирани за закуп на тезга, иако има слободни тезги, а имале и предлог лично од него по двајца сезонски производители да закупат една тезга, а договорот да биде потпишан со едниот од нив. Само еден производител досега од дваесетина потпишал договор за закуп на тезга.
И покрај тоа што советниците беа во дилема како јавното претпријатие планира да прибере приходи од еден милион денари годинава, сепак ги усвоија Програмата за работа на ЈП „Пазаришта“ – Куманово за 2019 година, Предлог – Решението за давање согласност на Одлуката за измена и дополна на Ценовникот на услуги на ЈП „Пазаришта“ – Куманово, Предлог – Решението за давање согласност на пречистениот текст на Ценовникот на услуги на ЈП „Пазаришта“ – Куманово и Предлог – Решението за давање согласност на Одлуката на ЈП „Пазаришта“ – Куманово за утврдување на недвижни ствари кои треба да бидат предмет на јавно наддавање за издавање под закуп.