Успешна крводарителска акција на Трансфузиологија
Вонредна крводарителска акција со цел да се зајакнат резервите на крвни единици се одржа денеска на Трансфузиологија во кумановската болница во соработка со општинската организација на Црвениот крст. Надлежните се задоволни од интересот на граѓаните за дарување крв. За неколку часа триесетина кумановци ја покажаа својата хуманост на дело.
– Ние не очекуваваме толкава бројка, за 3-4 часа собрани се 28 крвни единици, а мислам дека до крајот на акцијата ќе ја постигнеме посакуваната бројка. Дарување крв значи дека можеби ќе спасиш нечиј живот. Мислам дека на граѓаните треба уште повеќе да им се подигне свеста за дарување на крв и на сите им укажуваме на бенефициите од крводарителството, изјави д-р Елена Николиќ, Трансфузиологија Куманово
„Биди хуман, дарувај крв, спаси нечиј живот“ е пораката на крводарителите до останатите граѓани кои што досега не се охрабриле да се бидат дел од хуманите акции.
-Редовен крводарител сум, 34 пати досега сум дарувал крв, изјави Горан Стојанов, крводарител
Иако резервите од крвни единици на Трансфузиологија периодов се задоволени, секогаш крводарителите се добредојдени, велат лекарите.
На годишно ниво се организираат неколку крводарителски акции, а по потреба и вонредни.