Жители на Речица реагираат дека неколку дена подрачното основно училиште „11 Октомври“ во селото е без електрична енергија и без вода. Бараат од надлежните итно решавање на проблемот, во спротивно ќе организираат протест, а децата нема да ги пуштаат на училиште бидејќи, според нив, не постојат основни услови за реализирање на наставниот процес во објектот кој беше целосно реновиран во февруари годинава.
Директорката на општинското основно училиште „ 11 Октомври“ со подрачното со с. Речица, Драгица Спасиќ во телефонски разговор кажа дека се работи на целосно решавање на проблемот и во најбрз временски рок училиштето ќе добие струја и вода.
Според директорката, станува збор за дефект на пумпата за исцрпување на вода од бунарот, кој наскоро ќе биде отстранет, а децата, наставниците, ниту пак санитарните јазли во ниту еден момент не биле оставени без вода. Веднаш по настанатиот дефект, во училиштето била доставена вода за техничка употреба, како и вода за пиење за учениците.
Во меѓувреме, се работи и на решавање на проблемот со електрична енергија, а олеснителна околност според Спасиќ, е тоа што грејната сезона е завршена, а учениците посетуваат настава само во прва смена.
