Царина спречи меѓународен ланец на нелегална трговија со анаболични супстанци

„Царинската управа спречи меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди чие производство, продажба и употреба со Закон е строго забрането. Запленети се 32 кутии со 192 килограми анаболични стероиди со вредност од 5,5 милиони денари, штетни по здравјето на граѓаните, а до сторителите е поднесена кривична пријава. Станува збор за Оxanaboilic и Metanabol за орална употреба, како и Testec, Testen и Sustamix за инјекционална употреба. За случајот добиено е и признание од Светската антидопинг агенција дека македонската Царина влегла во трага на меѓународен ланец на нелегална трговија со вакви супстанци што претставува модерен тренд на забранети стимулативни супстанци коишто предизвикуваат зависност. Со оваа заплена Македонија во моментов е во топ тројката на земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг агенција за заплени на забранети супстанци“, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на прес-конференција на која информираше за случајот.
Директорот Николовски алармира дека легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците, при што целта им е допинг супстанците да стигнат на таргетираниот аеродром, во овој случај нашиот, и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Во случајов, вели тој, станува збор за производител од Индија, со дебело криминогено минато, кој сакал со лет од Сингапур – Истанбул и потоа Истанбул – Скопје, стоката да ја дистрибуира на фиктивен пазар, односно како крајна дестинација е наведена Чешка, каде ваквите производи се исто така строго забранети.