Царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје, спречија обид за криумчарење на златен накит вреден близу пола милион евра, информираа надлежните од Царинска управа.
„ Од страна на инспекторите во Секторот за контрола и истраги беа преземени предистражни дејствија и до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава за две лица со белгиско државјанство за сторено кривично дело криумчарење, казниво по член 278 од кривичниот законик“, истакна директорот Бобан Николовски на заедничка прес-конференција со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на којашто беше презентиран случајот.
Директорот Николовски говорејќи детално за случајот информираше дека патниците кои пристигнале со лет на редовна линија Виена Скопје откако ја поминале пасошката контрола и го подигнале багажот се упатиле кон царинската зона. Eден од осомничените е селектиран за детална царинска контрола при што е забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии наменети за накит, при што еден од куферите бил во сопственост на неговата сопруга. Царинските службеници пристапиле кон личен преглед и претрес и на рачниот багаж што го носела неговата сопруга со себе.
-Во ранецот е пронајдена поголема количина на непријавен златен накит од кои некои со парчиња дијаманти и друг драгоцени камења и тоа: 89 парчиња златни прстени со тежина од 599,2 грама во вредност од 203.169 евра, 17 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 215,3 грама и вредност од 55.748 евра, 23 парчиња златни ланчиња од 107 грама со вредност од 39.260 евра, 52 пара златни обетки со тежина од 238 грама во вредност од 97.258 евра, 10 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 68,3 грама во вредност од 19.300 евра и 18 парчиња златни ланчиња со тежина од 483,3 грама во вредност од 64.820 евра или вкупно 209 парчиња златен накит со вкупна тежина од еден килограм и 711 грама и вкупна вредност од 479.555 евра, информира Николовски.
„Осомничените со себе имале и три извозни декларации, од кои за две извозни декларации примач е лице од Скопје, додека за една примач е правно лице, како и еден од осомничените.
Со оглед на фактот дека голем дел од накитот имал и прикачени цени, истиот се сомневаме дека бил наменет за продажба во нашата држава“, вели тој.