Ѓорѓиевска: Професионализам, одговорност и отчетност се најголемите патриотски обележја

На Спомен костурницата по повод 8 Септември -Денот на независноста на Македонија со пригоден говор пред присутните се обрати Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово.

„Голем дел од нас присутните, се сеќаваме на оној убав септемвриски ден 1991 година, кога првиот претседател на нашата нова држава Киро Глигоров со голема возбуда ни ја честиташе самостојноста на Македонија. Таа возбуда ја чувствуваше и македонскиот народ, кој за прв пат во историјата на своето постоење застана на свои нозе и достоинствено само го започна својот пат кон иднината.

Професионализам, одговорност и отчетност, според мене се најголемите патриотски обележја бидејќи лесно е да се пеат патриотски македонски, српски, албански песни, ама херојство е да да се помогне на државата во која живееш. Не се сомневам во капацитетот на моите сограѓани, особено на младите, тие треба да си ја сакаат, да се вградат  во државата за да си ја почитуваат. За Денот на независноста овојпат имаме продолжен викенд, па ме прашуваат каде ќе одам. Каде да одам? Кој ќе ми ја замени мојата земја, мојата река, моето езеро, мојата планина, дали има некаде поубаво место за живеење од оваа наше топло македонско тло? Има овде убавини и слобода, ова е мојот дом, јас останувам тука и за празникот, и за век, а вие?“, кажа, меѓу другото Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово , во своето обраќање по повод Денот на независноста на Македонија.

Коментари

коментар(и)