ВИДЕО: ЈП „Водовод“ со позитивен тримесечен финансиски извештај
„Тримесечниот финансиски извештај на јавното претпријатие „Водовод“ покажува извесна добивка, која се должи, пред се на зголемувањето на цената на водата“, рече на денешната седница директорот Оливер Стојмановски.
Според Стојмановски, годнава се бележи зголемување од 16 милиони и 100 илјади денари споредбено со истиот тримесечен период лани.
Инаку, вкупниот приход остварен во периодот од 01.07.2024 година до 30.09.2024 година изнесува 82.675.815 денари, од кои најголем дел приход е од снабдувањето и испорака на водата за пиење, односно 42,4 милиони денари.
„ Бележиме околу 2,6 милиони денари поголеми трошоци од истиот период лани, но поради лошиот квалитет на вода и задоволување на потребите на граѓаните тие беа неопходни и затоа беа направени. Истата состојба е и со потрошена електрична енергија, бележиме пораст од 2,7 милиони денари“, рече Стојмановски.
Најголем проблем во однос на трошоците, како што појасни директорот е надоместокот на плати. Дури четири милиони денари повеќе биле исплатени споредбено со истиот период лани, поради законско усогласување, по двете покачувања на минималната плата.