Ќе се уништи шумата околу водопадот во Длабочица, реагираат планинарите
Македонски Шуми дале дозвола за сеча на шума во село Длабочица, општина Старо Нагоричане – во непосредна близина на водопадот, се наведува во соопштението кое што ни го доставија кумановци, љубители на планината.
Со приложени фотографии тие информираат дека веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и веќе е уништена природната камена подлога околу водопадот и самата река. А во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза.
-Иако веќе бевме сведоци, во изминатите неколку години, на неселективно систематско уништување и соголување на преубавата шума, сепак не очекувавме дека истото ќе дојде и до најпрекрасниот и недопрен дел од природата околу самиот водопад. Шумата и водопадот во Длабочица претставуваа едни од ретките места на недопрена природна оаза во нашиот регион, каде луѓето имаа прилика да пешачат и да уживаат во природните убавини надвор од градскиот метеж-се наведува во соопштението испратено до медиумите, потпишано како планинари-индивидуалци од Куманово.
Тие нагласуваат дека од Македонски шуми одговориле дека се е според процедура и дека сечата е во интерес на државата, и дека овој предел е маркиран за сеча.
