Средното општинско училиште „Перо Наков“ согласно Конкурсот, објавен од МОН, во прва година може да запише 748 ученици во 22 паралелки, по 11 паралелки со настава на македонски и на албански јазик. Полуматурантите кои своето образование сакаат да го продолжат во ова училиште имаат можност да изберат еден од повеќето профили во рамките на неколкуте струки – Економија, право и трговија, Текстил, кожа и слични производи, Ликовна уметност и дизајн или Спортска академија за кошарка, информира директорката на „Перо Наков“, Мила Жибак – Димковска.
-Во економско-правна и трговска струка – вкупно 442 ученици во 13 паралелки, економски техничар, бизнис администратор, правен техничар, продавач – референт за продажни услуги / асистент деловен администратор. Во текстилно – кожарска струка – 272 ученици, во 8 паралелки – техничар за изработка на облека, техничар за изработка на облека, техничар за моделирање на облека/ техничар за дизајн на облека, техничар за моделирање на облека/ техничар за дизајн на облека, техничар за обувки , техничар за обувки, техничар за моделирање на обувки, техничар за моделирање на обувки, потоа уметничко образование – ликовна уметност и дизајн и дисперзирана паралелка на Спортска академија за кошарка, изјави Мила Жибак – Димковска, директор на СОУ „Перо Наков“
Според конкурсот, уписните рокови се прецизирани, вели директорката Жибак- Димковска, но се уште чекаат натамошни насоки од надлежните дали ќе останат тие рокови поради состојбата во која се наоѓа државата.
-Доколку има измени секако дека на нашата фб страна на училиштето и на веб страната на училиштето, како и на огласната табла во самото училиште ќе бидат сите промени навремено истакнати, изјави Жибак-Димковска
Што се однесува до реализацијата на часовите во вонредна состојба, директорката потенцира дека он-лајн наставата во училиштето успешно се изведува.
-Кај нас целосно се воведе онлајн настава што значи дека користиме платформи за одржување на он-лајн настав. Наставата се одвива преку зум платформата, се користи и клас рум, како и други платформи кои што им се полесни и подостапни на учениците. Се оди по класичен распоред, се одржуваат часови, учениците успешно се вклучуваат, имаме интеракции и фит бек од учениците така што целосно сме задоволни, изјави Жибак-Димковска
Владата на петти мај по одржана седница соопшти дека учебната година ќе заврши на 10 јуни со воспоставеното далечинско учење, а државна матура нема да се полага оваа година.