80 тони сол фрлени на улиците во градот

Околу 80 тони сол се фрлени на кумановските улици во изминатите 24 часа , информираат надлежните од Општина Куманово. Екипите на  општината заедно со зимската служба, од вчера се на терен и со соларки со нож и со соларка за чистење на снег се справуваат со снежните врнежи  во градот. Во текот на денешниот ден, механизација за расчистување на снегот е испратена и во селата Горно Којнаре, Табановце, Сопот , Скачковце, Орашац, Кучкарево, посочува раководителот на Секторот за комунални дејности, Момчило Јовановски.

Паралелно со општинските екипи, со механизација и рачно и екипи на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  го расчистуваат снегот во централното градско подрачје. Се чистат градските плоштади, булеварите и тротоарите за да се обезбеди полесно движење на возилата и пешаците, а дежурни екипи на комуналното претпријатие ќе работат до доцните вечерни часови, информира директорот Даниел Стојчевски. Проблеми при расчистувањето прават постојаните снежни врнежи во текот на вчерашниот и денешниот ден иако сите расположиви екипи се на терен, потенцираат надлежните.

-Се обидуваме да ги ослободиме основните приоди и пристапи во централното градско подрачје за да им овозможиме на граѓаните што полесно да се движат. Се соочуваме со еден проблем што врнежите од снегот не престануваат. Се очекува во доцните вечерни часови да престанат така што во текот на утрешниот ден ние продолжуваме со интензивна работа и се надеваме дека ако престанат врнежите од снег ќе се обидеме што е можно повеќе да го исчистиме централното градско подрачје од снегот.  Паралелно со нашите активности екипите надлежни за чистење на улиците се излезени на терен, паралелно со нас ги чистат улиците, сега за сега немаме пријави за некои посериозни проблеми или пречки во нормално одвивање на сообраќајот или пак во нормално движење на граѓаните на територија на Општина Куманово . Екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  ќе останат да работат до доцните вечерни часови, ќе имаме дежурни екипи кои ќе бидат на терен, активно ќе ја следат ситуацијата, ќе реагираме и по потреба по пријави на граѓаните онаму каде што е неопходно да реагира, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Надлежните  апелираат трговските дуќани да постапат согласно законот и да го расчистат снегот пред нивните локали бидејќи инспекциските служби ќе направат надзор, а во меѓувреме  ЈП „Чистота и зеленило“  ќе продолжи со акцијата  за расчистување на најфрекфентните локации во централното градско подрачје.

– Правните лица, правните субјекти треба пред своите влезови да си го исчистат снегот , тоа е и законска обврска,  и граѓаните пред своите домови , дворови да излезат да го исчистат снегот , на некој начин сите заедно да се справиме со оваа ситуација која што ја имаме овие два дена, изјави Стојчевски.  

Увид на механизацијата на фирмата која што е задолжена за зимско одржување на улиците во градот градоначалникот Максим Димитриевски направи уште во ноември месец минатата година. Тогаш тој изјави дека општината е подготвена за справување со снегот во текот на зимата. За таа цел, за една сезона општината одвои осум милиони деветстотини  и четириесет илјади денари и дополнителни пет милиони денари за ЈП „Чистота и Зеленило“  за одржување на јавни прометни површини.

Инаку,поради интензивни врнежи од снег , Општина Куманово ги информира граѓаните дека телефон за контакт во случај на поголеми наноси од снег и непроодност на патиштата е 078 365 061.

Коментари

коментар(и)