(ВИДЕО) Врачени уверенијата за избрани градоначалник и советници
На пригодна свеченост во салата на Занаетчискот дом, Општинската изборна комисија денеска ги врачи уверенијата на Максим Димитриевски за избран градоначалник на Општина Куманово и на 33 нови членови на Советот.
Бранкица Димковиќ, претседателката на ОИК Куманово ги повика сите заедно да работат согласно законот и со почитување на Уставот.
– Би сакала во мое лично име и во име на Општинската изборна комисија Куманово да ви честитам за изборот на Градоначалник и изборот за советници во Советот на Општина Куманово. Ве повикувам функцијата градоначалник и советник да ја извршувате согласно законот, совесно и одговорно со почитување на Уставот, законите и прописите при вршење на вашите права и должности, рече Димковиќ.
Градоначалниот Максим Димитриевски во своето обраќање им порача на советниците да работат сите заедно во интерес на граѓаните, без разлика на политичката или било која друга определеност.
-Очекувам дека без разлика на политичка или било која друга определеност ќе имаме успешна работа во следните четири години бидејќи сепак нашата заедничка цел е да работиме во интерес на нашите граѓани и нашиот град. Сакаме да го видиме Куманово во уште поубаво светло и секако дека сите без разлика кој со какви убедувања сме и од каде доаѓаме ќе работиме исклучиво за интересите за нашите граѓани, на кумановки и кумановци и да го трансформираме Куманово во едно модерно и убаво место за живеење, рече Димитриевски.
На локалните избори најголем број, односно 10 советнички места освои коалицијата на СДСМ, граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ – 8 советнички места, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ -7, ДУИ – 4, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива -2, а по еден советник имаат Левица и БЕСА.
