Ученици и професори од гимназијата „Гоце Делчев“ во рамките на Еразмус + проектот „Вклучување на природата во училиштето“ од 22 до 26 ноември годинава беа во посета на турскиот град Истанбул. Во проектот се вклучени и училишта од Италија, Хрватска и Србија. Медитеранска храна и стил на живот беше темата на втората мобилност, а освен заеднички работилници, обуки, часови по странски јазици, учесниците имаа можност да ги посетат културно-историските споменици и знаменитости на Истанбул и да стекнат, но и да споделат искуства и знаења меѓу себе.
-Станува збор за Еразмус + проектот „Running Nature Into School“, што значи повеќе да ја користиме природата за учење. Се работи за втората мобилност која што се изведе во Република Турција во Истанбул, бидејќи поради ковид пандемијата паузиравме подолго време. Тимот го сочинуваа тројца професори и шест ученици, матуранти. Тема на оваа мобилност во Истанбул беше „Медитеранската исхрана и здрав начин на живот“. Секоја мобилност трае пет работни дена и дополнителни два дена за пат, изјави Славица Грујоска – Митиќ, Гимназија „Гоце Делчев“

-Првпат се вклучувам во ваков проект Еразмус, финансиран од ЕУ и бев фасцинирана од тоа колку значат, посебно во овие услови кога сите ние сме доста оддалечени, а имаме и доста предрасуди кон другите култури. Мислам дека има голем бенефит затоа што учениците преку овие проекти, преку овие дружења, размени запознаваат други народи, други култури, ги вежбаат и странските јазици, гледавме како функционира образовниот систем во другите држави, споделувавме искуства, учиме ние од нив, тие од нас, ги гледаме предностите и недостатоците, половина од денот ни поминуваше во работилници, заеднички часови, но имавме време и да се прошетаме, буквално од близу да ја видиме таа култура, народ, преку сите тие културно-историски споменици. Посебна благодарност искажувам на колегите кои што не дочекаа бидејќи беа најзаслужни да ни ја доближат нивната култура, нивниот народ во тие неколку дена. Учениците навистина имаат многу привилегија што преку овие проекти се запознаваат со други ученици, со други култури и после донесуваат кај нас нови спознанија и секогаш имаме идеи што би можеле ние да примениме во наставата. Ние бевме гости на едно училиште кое беше училиште за надарени деца и тоа е финансирано од државата, значи бесплатно е школувањето, а мислам дека ние такво нешто немаме. Сметам дека имаме многу паметни, талентирани деца, кои секогаш одат на некои олимпијади, натпревари, конкурси и секогаш се враќаат со награди дома, но некако им недостига тоа образование и поткрепа од самата држава и од МОН. Тоа би можеле ние да го примениме, да се размислува малку повеќе за тие деца кои што имаат потенцијал во себе, амбиции, изјави Ангела Петковска, Гимназија „Гоце Делчев“

Учениците кои што беа вклучени во проектот со нетрпение ги очекуваат своите новостекнати пријатели од повеќето држави да дојдат на следната мобилност во Македонија, кон крајот на април.

-Фокусот на проектот беше медитеранска исхрана и здрав живот. Ни се пружи можноста да разгледаме разновидни менија и оброци од сите држави кои присуствуваа на овој проект, што ни овозможи истите да ги имплементираме во нашиот живот и да живееме поздрав живот генерално, рече Милош Кировски, учесник во проектот.
-И покрај тоа што темата на проектот беше медитеранска храна и здрава исхрана, посетувавме и работилници за роботика и уметност, посетувавме часови по англиски и турски јазик што ни овозможи да ги споредиме нивниот и нашиот едукативен систем, изјави Дени Наковска.
-Во Истанбул ние успеавме заедно со домаќините да посетиме многу историски знаменитости, имавме и прекрасно патување со брод по Босфорот и се надеваме дека во иднина ќе можеме пак да го посетиме градот и да видиме уште знаменитости, рече Каја Трајковска.
-Во Турција бевме сместени во турски семејства, имавме шанса да се запознаеме со нивниот начин на живот, со нивната гостопримливост, стекнавме едно прекрасно искуство кое доста позитивно влијае на нас, вели Даниел Трајковски.
-Преку овој проект стекнавме многубројни пријателства со деца од Турција, Италија, Хрватска и Србија, кои очекуваме да дојдат и да не посетат при крајот на април или почетокот на мај, рече Стефан Новковски.

Предвидено е проектот да биде имплементиран до почетокот на летото, што пак значи дека мобилностите допрва ќе се реализираат и ќе бидат посетени училишта во сите земји кои што се вклучени во Еразмус + проектот.

