Националниот ромски центар денеска на завршна прес-конференција ги презентираше активностите спроведени во текот на годинава, а поврзани со превентивното и позитивното дејствување за спречување и намалување на последиците од пандемијата на ковид.
Директорот на НРЦ, Ашмет Елезовски во рамките на проектот „ Да продолжиме да живееме“ од кампањата Вакцинирај се заради себе си и вашите најсакани, се осврна на резултатите од спроведените анализи и прашалници во социјално ранливи семејства со вкупно 631 граѓанин, повеќето од ромска националност. Резултатите покажале дека 51 отсто од граѓаните се вакцинирани. Елезовски потенцира дека за разлика од матичните лекари, НРЦ од првиот ден од прогласувањето на пандемијата е отворен за секаков вид совети, едукација на граѓаните за заштита од ковид-19 и превентивно делување.
-Сакаме да укажеме дека треба да бидеме храбри, да ја вратиме довербата да гледаме позитивно на животот и едноставно треба да мислиме дека треба да продолжиме да живееме, иако секојдневно сме заплашени, има се поголем раст на сиромаштијата. Направивме анализи, прашалник, согледавме дека бројката на семејствата кои ние ги зедовме во нашите прашалници членови на 631 семејство, увидовме дека состојбата е алармантна за оние кои што немаат документи, додека останатите што имаат документи отишле кај матичните лекари и добиле здравствена заштита, но има и случаи каде и матичните лекари не ја спроведоа својата хипократова заклетва до крај, туку нивните амбуланти беа затворени и дејствуваа и комуницираа само на телефон. Тоа само покажа дека е изгубена довербата, човечноста, изгубена хуманоста, изјави Елезовски.
Елезовски ја посочува ефикасноста на вакцината против ковид-19, потенцирајќи дека сите активности на НРЦ се со цел враќање на довербата и почитта кон граѓаните, хуманоста и враќање на самопомошта.
-Пораката на НРЦ до политичките претставници е дека луѓето имаат право на живот и тие не заслужуваат да бидат марионетки на интереси на поединци, или на политики на одредени луѓе кои додека се живи се бават со политика.
Најмногу забелешки граѓаните имаат во однос на од задоцнетото примање на првата доза на вакцината и почетниот не добро органзииран начин на процесот на упатување на луѓето, каде да се спроведе и некоординираното работење на министерствата за труд, за здравство и за внатрешни работи, кога станува збор за лицата без документи, изјави Елезовски.
Проектот на НРЦ за вакцинацијата е поддржан од Владата, а партнер здружение е „Симбиозис 12“.