(ВИДЕО) Заедно да придонесеме за пристоен живот на Бобан и Слаѓана Јовановиќ од Челопек

Без вода и струја, во една трошна соба во поранешен Задружен дом, во кумановското село Челопек живеат 42-годишниот Бобан Јовановиќ и неговата десет години помлада сестра Слаѓана. Во собата, која протекува и при најмало количество дожд и има провев од сите страни, Јовановиќ живеат 25 години. Во пресрет на зимата, стравуваат за своите животи, се плашат дека таванот и целиот објект, изграден пред речиси еден век во секој момент може да се урне.

-Во една соба живееме, немаме вода, водата ја носиме на раце од бунар преку патот, струја нема, единствената светлост е уличното осветлување, од 19 часот до утрото. Имаме едно ќумбе на дрва, така се грееме, но за дрва тешко се снаоѓаме. Доколу зимата биде полоша, ако има повеќе снег, може кровот да ни падне врз глава, стравуваме за нашиот живот, под итно ни е потребна нова просторија, изјави Бобан Јовановиќ од село Четирце.

Она што им е најпотребно во моментов е да бидат сместени во безбедна просторија да ја презимат зимата, а во меѓувреме локалните власти, општествено одговорни компании, хуманите луѓе, сите заедно во рамките на своите можности да помогнат во обезбедување пристоен живот за нив. Тие не бараат многу, само мала површина земјиште, бидејќи сопствено немаат, со две новоизградени соби и основни услови за живот.

-Објектот порано бил Задружен дом на некое претпријатие, мислам дека на поранешен ЗИК Куманово, сега не знам во чија сопстевност, тука живееме од 1998 година. Вработен сум во ЈП „Чистота и зеленило“- Куманово, сестра ми не работи. Ќе се снаоѓаме со мојата плата, но платите се ниски. Одгледуваме кози и кокошки, друг добиток немаме, немаме земја за обработување. Ако може некој, ако сака да ни помогне на каков било начин, нека ни помогне, додава Јовановиќ.

До пред неколку дена силна и единствена поддршка во животот им била нивната мајка, но откако починала, секојдневието за нив станува уште потешко, остануваат без дополнителните приходи. Покрај сите маки што ги имаат, сега братот и сестрата месечно ќе преживуваат само со скромната плата на Бобан од комуналното претпријатие. Сестрата на Бобан не е вработена, но е вредна и придонесува за семејството, одгледува неколку кози и кокошки, облеката ја пере на раце, а вода носат од бунар кој се наоѓа неколку стотици метри подалеку од распаднатиот објект во кој што живеат.

За Јовановиќ секаква помош е добредојдена, а сите оние кои што сакаат парично да им помогнат, можат да уплатат средства на денарската сметка на Бобан Јовановиќ отворена во Комерцијална банка.

Велат, после секое лошо доаѓа добро.

Да се надеваме дека по објавената сторија на Телевизија Плус, добрите денови за Бобан и Слаѓана допрва доаѓаат.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)