Се одбележуваат 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Во Македонија денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Централното чествување по повод раѓањето на Делчев ќе биде во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија.

Во Куманово денот на раѓањето на Гоце Делчев традиционално се одбележува со пригоден говор и културно- уметничка програма пред бистата во дворот на Гимназијата.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.  Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Најпознатите изреки на Гоце Делчев:

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.“

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков
пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“
„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“