Здружението „Доверба“- Куманово во рамките на проектот „Училиште без страв, училиште со глас“ организираше обука за наставници и стручни соработници од ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“.
Учесниците ги зајакнаа своите знаења и вештини за препознавање, превенција и интервенција при врсничко насилство преку работа на теми поврзани со законската рамка и протоколите за постапување, ненасилна комуникација, медијација, стратегии за деескалација на конфликти и соработка со ученици и родители. Посебен акцент беше ставен на анализа на студии на случај од училишната практика и размена на професионални искуства.
Според претседателката на здружението „Доверба“, психологот Дивна Јанкова активноста претставува важен чекор кон создавање побезбедна, поддржувачка и инклузивна училишна средина и јакнење на капацитетите на училиштата за превенција на врсничкото насилство.
Меѓу очекуваните резултати од реализацијата на проектот се и воспоставени и функционални клубови за врсничка медијација во двете основни училишта, но и зголемена свест и вклученост на учениците, родителите и пошироката училишна заедница во превенција на врсничко насилство. Проектот „Училиште без страв, училиште со глас“ е поддржан од Општина Куманово.