Неколку интервенции на депонијата Краста во текот на изминатото деноноќие регистрира Територијалната противпожарна единица Куманово, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи. Според РЦУК, пожарникарите гаснеле и опожарени дрва и сува трева кај поранешната фабрика Кожара, сува трева на ул. „Васко Карангеловски“, а стрниште и сува трева гаснеле и во селото Љубодраг.
Во липковското село Стрима, пожарот кој избувна пред четири дена се уште е активен, информираат надлежните. Според билтенот на РЦУК, досега опожарени се околу 100 хектари површина со букова и нискостеблеста шума, а евентуалното гаснење би можело да се изврши само од воздух. Засега нема опасност пожарот да се доближи до куќи, а во гаснењето на пожарот интервенираат 13 жители на Стрима.
„Денес од Општина Липково добивме барање за воздушна интервенција за гаснење на пожар во с.Стрима. За состојбата се известени ТППЕ- Куманово, ДЗС – Куманово, Шумско стопанство – Куманово и Општина Липково“, пишува во дневниот билтен на Регионалниот центар за управување со кризи.