Царинските службеници на граничниот премин Табановце, на влез во државата вчера заплениле хашиш, амфетамин и други психостимулативни супстанци пронајдени кај германски државјанин кој патувал со својот сопружник, соопшти Царинската управа. Случајот е документиран и со снимка од боди-камерите кои беа обезбедени како донација од Министерството за правда на САД.
„Лицето е приведено од страна на инспектори од Одделението за истраги и преземени се предистражни дејствија, во чии рамки под налог на јавен обвинител, извршено е и вештачење на дрогата со кое е утврден нејзиниот состав. Против сторителот е поднесена кривична пријава до ОЈО Куманово за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, информираат од Царинска управа.