Започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
Според правилникот, возилата до 3.500 килограми треба да имаат зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри. Дозволена е и употреба на летни гуми со иста длабочина на шарата, но во тој случај возачите задолжително мора да носат синџири за снег.
За возилата со погон на сите четири тркала важат малку поинакви правила. Тие треба да имаат зимски гуми со длабочина на шарата од најмалку шест милиметри или летни гуми со најмалку четири милиметри, но со задолжителни синџири за снег.
Кај возилата потешки од 3.500 килограми, зимските гуми треба да имаат шара од најмалку шест милиметри на погонските тркала. Алтернатива се летни гуми со најмалку четири милиметри длабочина на шарата, но и во овој случај мора да се носат синџири за снег.