Националната установа Центар за култура„ Трајко Прокопиев“ објави конкурс за проектот „Скици 2022“, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура. Целта на проектот е да го промовира цртежот кој се изработува од страна на академските уметници од Куманово.
На овој конкурс учество можат да земат сите академски уметници кои работат на територијата на Општина Куманово со најмногу 3 цртежи, при што организаторот по направената селекција не е обврзан сите да ги вклучи во изложбата. Изложбата не е тематска а исто така слободен е и изборот на техниката во која ќе се изработуваат цртежите. Ограничен е само форматот кој не треба да е поголем од 100х70 цм.
По извршената селекција ќе се пристапи кон организирање на изложба во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово (во првата половина на декември 2022). По завршениот циклус на претставување на цртежите истите ќе се вратат на авторите.
Рокот за пријавување е отворен до 21 ноември 2022, а сите заинтересирани можат да се информираат за дополнителни податоци, на телефонот на организаторот 031 415099. Лица за контакт Зоран Арсовски, Миранда Фазлиу и Роберт Цветковски.