ВИДЕО: „Козјак 2013“ со Осмомартовска акција на Бислимска клисура

Здружението за планинарење и заштита на планини „Козјак 2013“ и годинава Денот на жената ќе го одбележи со осмомартовска акција на Бислимска Клисура во селото Пчиња. Станува збор за традиционална акција наменета за жените, но секако дека учествуваат планинари од речиси сите клубови во Македонија. Осмомартовската акција ќе се организира в недела (петти март), а патеката долга околу 13 километри е лесна за пешачање, информираат од клубот.

-Веќе неколку години ја организираме Осмомартовската акција која е наменета за женскиот пол. Тоа е прилика на многу жени да излезат во природа и на еден поинаков начин да го одбележат овој празник, но и да ги направат и првите планинарски чекори затоа што има многу жени кои што сакаат рекреативно да се движат во природата, а таква прилика немале или не знаат кому да се обратат па затоа решивме тој празник на поинаков начин да го одбележиме. Со оглед на тоа што во нашиот клуб има и многу жени, можеби и поголемиот број од членовите се жени затоа и решивме така да го организираме тој ден и веќе неколку години по ред тоа се случува на Бислимска клисура бидејќи е атрактивна како локација, има и што да понуди, можеби овој период и не е толку живописна, меѓутоа сепак самиот предел со реката, со клисурата е убав и многу масовно е посетена, доаѓаат луѓе од сите клубови од Македонија, иако е осмомартовска акција пешачат и планинари од посилниот пол. Во недела акцијата ќе почне во 08 часот, собирањето ќе биде пред црквата пред мостот на реката Пчиња и оттука заедно сите ќе појдеме. Веќе има околу 80 луѓе пријавени, но уште ќе се пријавуваат сигурно, и мои ученици се пријавија и потоа со нашите водичи ќе се движиме по маркирана патека. Патеката ние однапред ја средуваме, ја чистиме од грмушки, од трње, кај што е избледена маркацијата тоа го обновуваме и ќе се движиме прво низ борова шума, па потоа дабова шума, излегуваме на видиковец каде што се гледа речиси целата Бислимска клисура, таму горе целото плато е покриено со диви јорговани така што многу е убаво во април, а потоа се спуштаме на уште еден видиковец па одиме до пештерите. Самата Бислимска клисура е многу интересна, егзотична, има што да понуди и потоа се враќаме повторно во селото, значи правиме една кружна акција која што ќе биде долга околу 13 километри, лесна е прилагодлива за сите почетници, за сите дами кои што немаат искуство. Но, со оглед на тоа што се уште е зима ние препорачуваме да се носи зимска опрема, пред се гојзерки бидејќи има карпест терен, може да биде и мокар теренот и затоа мора да се придржуваме кон тие правила, изјави Ангела Петковска, ЗПЗП „Козјак 2013“ Куманово

Акцијата по повод Денот на жената финансиски е поддржана од општина Куманово, како и традиционалната акција на планината Козјак која се организира во чест на државниот празник 11-ти Октомври.

-Од минатата година оваа акција ни е традиционална и е под покровителство на општина Куманово, односно влегува во програма на Општински сојуз на спортови, добиваме некои финансиски средства, поткрепа од општината за што сме навистина благодарни со тоа ќе ги покриеме нашите трошици, а покрај оваа, во општинската програма влегува уште една акција, тоа е акцијата на Козјак планина во чест на 11-ти Октомври. Таму на Козјак многу често среќаваме споменици на загинати народни херои од револуцијата па затоа и решивме тој ден да го одбележиме така со посета на тие споменици, да се движиме низ тие села, патеки каде што се воделе борбите, изјави Петковска.

Клубот „Козјак 2013“ годинава одбележува десетгодишно постоење и успешно реализирање на активностите.

-Оваа година на 11 -ти јули ќе се навршат десет години од постоењето на нашиот клуб, значи јубилејна десетгодишнина и затоа и оваа Осмомартовска акција ќе биде и малку позбогатена со програма, ќе има нешто што ќе биде изненадување за гостите, нешто што ние не сме го сретнале на ниту една акција и мислам дека време е такво нешто поинакво да се доживее, а што ќе биде нема да кажам, изјави Петковска.

Организирање планинарски тури речиси секоја недела, и тоа не само во кумановскиот регион туку и на планините во државата, како и надвор од Македонија со лиценцирани водичи е она што ги привлекува кумановските рекреативци да се зачленат во планинарското друштво. Бројката на членовите континуирано се зголемува, а во тек се и новите уписи, информираат надлежните.

Коментари

коментар(и)