Градоначалникот Максим Димитриевски оствари средба со амбасадорите на Словенија, Словачка и Полска

Градоначалникот на општина Максим Димитриевски денеска оствари средба со амбасадорите на Словачка, Словенија и Полска. Разговарале на повеќе теми, особено како да се продлабочи соработката со пријателските држави, изјави по средбата, градоначалникот Димитриевски.

– Досегашната соработка во континуитет функционира, се продлабочува и верувам дека Општина Куманово своето пријателство ќе го прошири на сите планови во овие нам пријателски држави. Куманово има потпишано меморандум за соработка со градот Марибор во Словенија, а најави такви меморандуми и со градови во Словачка и Полска. На Куманово му се потребни пријатели, особено ние е важно што сите доаѓаме од едно говорно подрачје кое припаѓа на словенскиот народ и можеби тоа може да биде и една иницијатива за продлабочување на ваквата соработка со останатите држави кои припаѓаат на оваа група јазици, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер вели дека не е првпат во Куманово, но секогаш е добро да се запознаеш со културата, со економијата и со можностите на општината.

– За нас е голема чест што денеска сме тука во вашата општина, не сме првпат, но сега сме во една посебна прилика бидејќи нашиот колега, амбсадорот на Полска наскоро ќе ја напушти вашата држава и тука сме денеска да се запознаеме со културата, со економијата, со можностите на општината и голема благодарност на градоначалникот на добриот разговор и претставување на вашата општина и имавме разговор како да биде соработката продлабочена меѓу нашите општини и земји. Ние како Словенија сме долго присутни во вашата земја и во Куманово имаме еден интересен проект во ваше средно училиште, ги учиме жените да ткаат,  изјави амбасадорот Грегор Прескер.

Средбата е во посредништво на здружението „Добредојде Македонија“ кое веќе 15 години работи во сферата културна дипломатија, а со цел промоција на земјава, нејзината историја, култура и традиција.

– Денеска во промоција на оваа македонска култура сме во Куманово во соработка со општината и амбасадите во Македонија. Оваа активност годинава почнавме да ја работиме во соработка со Словенија и имаме за цел што повеќе општини да посетиме, што повеќе можности да ги запознаеме со убавините на нашата земја, со историското и културно наследство и традиција на нашата земја, сакам да се заблагодарам за оваа соработка, изјави Емилија Миладинова Аврамчева, претседател на здружението „Добредојде Македонија“.

Денешната веројатно е и последна официјална посета на амбасадорот на Полска, Кшиштоф Гжелчик, кој наскоро ќе ја напушти Македонија. За полски амбасадор во Македонија беше назначен во март 2023 година.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)