ВЕРСКА ТОЛЕРАНЦИЈА: ПОЗНАТ, НО РЕТКО ПРАКТИКУВАН КОНЦЕПТ

СОЊА СТОЈАДИНОВИЌ

 

Верската толеранција се гради со запознавање на другите, разјаснување дека нивната различност не се закана за нас, ниту за нашите верски убедувања.

Пред неколку недели македонската јавност беше информирана (и малку вознемирена) од доаѓањето на еврејската верска група Лев Тахор (Отворено срце) во Куманово. Оваа група која е на пропатување низ Македонија немаше да предизвика некоја реакција меѓу локалното население, ниту во јавноста, да не беа два моменти.

Прво, самата контроверзност на оваа верска група која е окарактеризирана како „секта“ која го практикува јудаизмот во фундаменталистичка форма и второ, насилните реакции на околното население кон нив.

Лошата репутација веќе некое време ја следи оваа група. Обвинувањата и затворските казни кои им биле досудени на нивните лидери за присилни малолетнички бракови, малтретирање и киднапирање на деца, стигнаа и до македонските граѓани. Сепак, насилството и негостопримливоста на нашите сограѓани кон оваа верска група воопшто не беа потребни.

Според македонските закони, тие имаат максимален престој од три месеци во Македонија и тој им бил одобрен од нашите институции бидејќи изјавиле дека се само на пропатување без намера да се задржат подолго од законски дозволениот период. Претходно, тие биле во Сараево, во населбата Илиџа каде исто така не биле широкоградо прифатени. Верската нетолеранција некако е длабоко всадена кај луѓето на Балканот, иако сакаме да се фалиме дека сме гостопримливи и луѓе со отворени срца.

Од друга страна, оваа верска група доминантно составена од деца и неколку возрасни луѓе (18 деца и 19 возрасни) во изјавите пред телевизиските камери јасно кажаа дека немаат намера да се задржуваат во нашата земја и бараат држава која ќе ги прифати и каде што можат слободно да ја практикуваат својата религија

Кои се Лев Тахор?

Оваа религиозна група која е основана кон крајот на 1980-тите години, на фундаментален начин го практикува јудаизмот во споредба со јудаизмот кој се практикува во Израел. Јудаизмот во Израел се практикува од 4 религиозни групи: Хареди (ултра ортодоксни), Дати (религиозни), Масорти (традиционални) и Хилони (секуларни). Разликите помеѓу овие религиски групи се не само во верувањето во постоењето на Господ (40% од секуларните Хилони не веруваат во постоењето на Господ) туку и во политичките гледишта.

Ултра ортодоксните Хареди дури не служат војска, додека Дати групата повеќе се наклонети кон ционизмот и сметаат дека Арапите треба да се исфрлат од Израел. Лев Тахор по облекувањето инклинира кон ултра ортодоксните евреи, посебно во облеката на мажите, додека жените нетипично се облекуваат целосно во црнина, а тоа важи и за женските деца.

Извор: sdk.mk

Сепак, нивното практикување на религијата е поекстремно од ултра ортодоксните евреи, изговарањето на молитвите е гласно и долго, и имаат ограничена исхрана наметната од нивниот основач Шломо Хелбран (не јадат пилешко месо бидејќи сметаат дека кокошката е генетски модификувана и не е истата како таа створена од Господ). Нивниот лидер и основач Хелбран во САД (каде што ја основал оваа секта) бил прогонуван поради киднапирање на дете, проповедал уништување на Израел повикувајќи се на наводни текстови во Библијата и бил осомничен дека соработува со исламски фундаменталистички групи. Со прогонувањето на нивниот лидер тие како религиозна секта се селат во Гватемала, а подоцна доаѓаат на Балканот. Нивната различност во практикување на јудаизмот се гледа и во фактот дека во текот на нивното присуство во Македонија, тие не биле контактирани од страна на Македонската еврејска заедница.

А што со нашата нетрпеливост?

По дефиниција, верската толеранција е прифаќање на религиските различности на друга религиозна група и почитување на нивните верски убедувања во сите сфери на општеството. Оваа религиозна група во Македонија тоа од нашите сограѓани не го доживеа. Напротив, видеата од реакциите на нашите сограѓани кои беа прилично агресивни и со неоправдан страв, уште еднаш докажаа дека нашата верска трпеливост и толеранција се на ниско ниво. Од една страна, разбирлив е стравот на граѓаните од оваа група поради информациите кои се шират за нив, посебно на сограѓаните од охридското село Горно Лакочереј каде после Куманово се пресели оваа група. Но, од друга страна, не се познати фактите. Тие се регуларно тука, под надзор на полицијата, не ги проповедаат своите уверувања, не се насилни, мирни се и тивки. Самата изјава на една од припадничките на оваа група пред камера дека ним им е тешко со своите деца да патуваат, а не пак да киднапираат туѓи деца, треба малку отрезнувачки да делува на граѓаните. Верската нетолеранција и нетрпеливост дополнително се базира и врз незнаењето на другите религиски групи и нивните карактеристики. Колку знаеме за исламот и нашите соседи? Малку повеќе од тоа што знаеме за јудаизмот, но само поради фактот што имаме соседи муслимани. Колку знаеме за хиндуизмот или будизмот? Знаеме само ако сме изразиле интерес да прочитаме и да се запознаеме со други религии, а таквата пракса не е баш честа кај македонските граѓани. Во нашето основно образование имаме предмети Етика на религии и Запознавање на религиите кои се изучуваат во шесто одделение. Но, во овој случај децата не беа тие кои изразија нетрпеливост и агресија кон друга религиска група туку возрасни луѓе. Недостатокот на познавање на другите религии и отсуството на желба да се осознаат барем базично создава страв и нетрпение. Од една страна, разбирлив е стравот на нашите граѓани поради контроверзноста на оваа група, но насилството не е одговор, посебно ако групата не прекршува никаков закон, ниту пак загрозува нечии животи. Верската нетрпеливост во Македонија се искоренува со образование и запознавање на религиите не само преку образовниот систем туку и преку институциите (полиција, верски институции). Нашите граѓани имаат пракса своето образование да го градат преку сомнителни и опскурни статии на интернет и социјалните мрежи кои се плодно тло за ширење на омраза и насилство. Ние не сме постигнале напредок во верската толеранција внатре во општеството со првите соседи од другите религии, а уште помалку можеме да разбереме други религии со кои не сме имале контакт. Тој факт уште повеќе ни го потврди случајот со Лев Тахор. Верската толеранција се гради со запознавање на другите, објаснување дека другите и нивната различност не се закана за нас, ниту за нашите верски убедувања. Во овој вид на образување на нашите граѓани голема улога играат и верски водачи затоа што тие се првите кои треба да укажат на различноста која е присутна и толеранцијата која ја проповедаат, а нивните следбеници не ја практикуваат. Исто така, верската толеранција треба да се насочи и кон атеистите и агностиците. Се додека сме верски затворени во своите трла и не дозволуваме да запознаеме нешто ново, и врз основа на тоа незнаење градиме стравови и исфрламе агресивност, ќе имаме случаи како Лев Тахор.

Прв чекор е да си признаеме дека сме верски нетолерантни, а чекорите за решавање на таа состојба се познати. Образование, дискусии, запознавање на новото.

Коментари

коментар(и)